Од јавното претпријатие велат дека како последица на големата потрошувачка, системот функционира со намален притисок
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ алармира дека во главниот град Скопје продолжува негативниот тренд на енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што пак директно предизвикува нарушување на стабилноста на системот. Оттаму велат дека како последица на огромната потрошувачка, градскиот водоводен систем работи со намален притисок и со повремени прекини на вода во одредени делови на градот и оти стаблизирање на системот, се очекува во периодот по 23 часот.
„Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл. Воедно и апелираме до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење“,
велат од јавното претпријатие.
Дополнително, апелираат до граѓаните на Скопје да пријават доколку забележат див приклучок, оти со нив се нанесува директна штета за водоснабдување и квалитетот на снабдувањето до сите жители на градот.
Претходно, Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираа дека минатиот месец констатирале енормно зголемена потрошувачка на вода, особено во попладневните часови.
Според системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, било утврдено дека на 23 јуни дневната потрошувачка на вода изнесувала 356 илјади кубни метри, односно 700 литри по глава на жител.