Фаучи е загрижен затоа што граѓаните не ги слушаат препораките на владата за задолжително носење маски
Нема потреба САД повторно да се затвораат иако не се намалува бројот на заразени, изјави водечкиот американски инфектолог Ентони Фаучи за „Гласот на Америка“.
Наместо тоа, тој вели дека треба да се разговара за тоа како подобро да се контролираат деловите од земјата каде што е зголемен бројот на заразени со коронавирусот.
САД се први во светот според број на заболени и починати од ковид-19, со над 2,2 милиона заразени и речиси 120 000 смртни случаи.
Иако поранешните епицентри на инфекцијата Њујорк и Њу Џерси успеаја да го запрат неконтролираното ширење на инфекцијата, во 20 други сојузни држави бројката на заразени повторно расте.
Според „Гласот на Америка“, Фаучи истакнал дека одлуките што ќе се носат на локално ниво ќе бидат важни кога целата земја ќе се врати во нормала, а едно од клучните прашања ќе биде отворањето на училиштата.
Водечкиот американски инфектолог вели дека е загрижен што граѓаните не ги слушаат препораките на владата за задолжително носење маски.
Од понеделник, во рамки на втората фаза од олеснувањето на рестриктивните мерки во Њујорк ќе почнат да работат рестораните на отворено, најави градоначалникот Бил де Бласио.
Градоначалникот рече дека во втората фаза ќе бидат отворени канцелариите, фризерските салони, малопродажните објекти и игралиштата во јавните паркови, со што меѓу 150 000 и 300 000 луѓе треба да се вратат на своите работни места.