Од Општина Струга додаваат дека институциите и во наредниот период ќе вршат редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата, со цел навремено информирање и гарантирање на безбедноста на водоснабдувањето
Водата во Струга е безбедна за пиење и забраната за нејзина употреба се укинува. Ова попладнево го соопшти струшки „Водовод и канализација“ врз основа на последните анализи на примероците од водата од изворот Шум кои утврдиле дека матноста на водата е во граница на нормалата.

Информацијата ја потврдија и од Општина Струга.
„Според најновите анализи на Центарот за јавно здравје – Охрид, извршени на примероци од водата во водоводниот систем на градот, водата во Струга е безбедна за пиење. Врз основа на официјалните резултати од анализите, матноста и останатите параметри на водата се во рамките на дозволените граници, со што се укинува претходната препорака за ограничена употреба на водата за пиење“,
информираа од Општината во објава на Фејсбук.
Оттаму додаваат дека институциите и во наредниот период ќе вршат редовен мониторинг и контрола на квалитетот на водата, со цел навремено информирање и гарантирање на безбедноста на водоснабдувањето.
Водата од струшкиот водовод од почетокот на февруари годинава беше забранета за секаква употреба поради висока заматеност. Во врска со случајот предмет отвори Основното јавно обвинителство Струга, кое ќе ги испитува причините за појавата и евентуално сторените кривични дела против животната средина и природата.
