Секторот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“ зел четири примероци од две локации во училиштето – училница и кујна, од кои две за физичко-хемиска и две за микробиолошка анализа. Резултатите од анализите на сите примероци покажале дека водата е исправна за употреба
Водата во Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопски Карпош е санитарно исправна и може непречено да се употребува. Ова го покажале резултатите од вонредниот надзор што ЈП „Водовод и канализација“ го извршил во училиштето пред два дена откако повеќе ученици пројавија стомачни тегоби и други симптоми, а неколкумина беа и хоспитализирани.

Што точно ги предизвикало тегобите кај ученици, според најавите, треба да биде познато денеска откако инспекциските служби на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во средата извршија вонреден надзор училиштето.
Освен мостри од храна, работни површини во училишната кујна, прегледи на вработените во училиштето, надлежните соопштија дека се земени и примероци од водата во училиштето.
Дел од роднините и родители на ученици во „Димо Хаџи Димов“ во изјави за медиумите рекоа дека некои од децата што пројавиле тегоби не консумирале храна во кујната, но симптоми им се појавиле откако пиеле вода во училиштето.
Од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје велат вонредниот мониторинг бил извршен по пријава.
Секторот за санитарна контрола зел четири примероци од две локации во училиштето – училница и кујна. Две од нив биле за физичко-хемиска и две за микробиолошка анализа.
Резултатите од анализите на сите примероци покажале дека водата е исправна за употреба.
„Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ ‘Димо Хаџи Димов’ во Општина Карпош е санитарно исправна и може непречено да се употребува“,
се вели во соопштението од скопски „Водовод и канализација“.
Вчера Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека по случајот во „Димо Хаџи Димов“ нејзини инспекциски тимови спроведуваат вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош.
Контролите се вршат бидејќи со сите овие кујни стопанисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магацин, лоциран во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, од каде што се набавуваат репроматеријали.

Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди, вчера изјави дека бројот на ученици од училиштето во Влае кои се задржани на лекување изнесува пет, откако вечерта претходниот ден примиле уште три деца.
Според доктор Мемеди, децата се со слична клиничка слика и симптоми сомнителни на алиментарна токсоинфекција (труење со храна) – со стомачна болка, повраќање, дијареја и зголемена температура.
Тој потврди дека сите деца добиле соодветен медицински третман и потребна грижа и се во значително подобрена здравствена состојба, односно сите се стабилни.
Што ги предизвикало тегобите кај учениците, според најавите, треба да биде познато денеска, бидејќи, како што вчера изјавија од надлежните институции, потребни за 48 часа за да бидат готови резултатите од анализите.
