Од Институтот за јавно здравје ни одговорија дека водата за пиење која содржи високо ниво на манган, дури и за кратко време, може да претставува ризик по здравјето, особено кај доенчињата и малите деца
Жителите на Струмица една недела немаат пивка вода поради недозволено високите концентрации на тешкиот метал манган пронајдени во водата и по нејзината преработка. Кои се можните последици по здравјето на луѓето доколку пијат вода со манган над дозволените нивоа и дали таквата вода може да се користи за приготвување храна, како и за одржување на лична хигиена? Ова се прашањата кои „360 степени” ги постави до Институтот за јавно здравје.
Одговорите што ги добивме се во најмала рака загрижувачки, особено за најмладите жители на Струмичко, ако се има предвид она што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трифуновски, го кажа вчера на прес-конференција, а тоа е дека водата била загадена неколку месеци.
Последици по здравјето
Од Институтот за јавно здравје велат дека иако луѓето треба да консумираат мали количини манган за да бидат здрави, покачените нивоа може да доведат до одредени негативни здравствени ефекти, особено кај доенчињата и малите деца, додека пак краткорочната изложеност на манган за возрасните и постарите деца веројатно не би требало да предизвика негативни здравствени ефекти.
„Доенчињата кои се хранат со млечна храна за доенчиња може да бидат особено изложени на ризик ако водата што се користи за подготовка на формулата содржи нивоа над пропишаната вредност. Ова е затоа што: нивниот мозок се развива брзо, пијат повеќе вода согласно нивната телесна тежина, апсорбираат повеќе манган и се помалку способни да го отстранат од своето тело. Изложеноста на манган во водата за пиење може да предизвика: невролошки и бихејвиорални ефекти, дефицит во меморијата, вниманието и моторните вештини“,
велат од ИЈЗ.
Приготвување храна и капење
Истите препораки како за пиење вода, важат и во однос на готвењето со вода која содржи повисока количина на манган. Тоа значи дека вода со нивоа на оваа супстанција над препораките не треба да се користи за готвење.
Кога станува збор, пак, за капење или туширање, зголемената количина манган не ја зголемува изложеноста на човековиот организам оти тој слабо се апсорбира низ кожата и не преминува во воздухот од водата.
Централната и локалната власт со различна дијагноза за причините
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вината за загадената вода ја лоцира кај локалната самоуправа за која кажа дека не инвестирала ништо во системот. Тој ги отфрли тврдењата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, кој рече дека еден од проблемите е тоа што во браната Турија е акумулирана само една четвртина од максималниот капацитет на вода, поради што во цевките влегува вода со кал која тие не можат да ја преработат.
„Согласно закон, обврската за пивка вода ја има Општината, а акумулацијата и нивото на водата во акумулацијата не е причина за денеска да имаме изговор дека тоа е поради тоа што немало дождови или оти е сушна годината. Законска обврска на општината е да обезбеди чиста и пивка вода. Ја гледаме безидејноста на градоначалникот и со денешната прес-конференција сакаме да ги спасиме струмичани од голготата која ја поминуваат“,
рече Трипуновски.
Министерот го повика Јавното обвинителство да истражи зошто некој воопшто дозволил во Струмица да се дистрибуира вода која не била во фаза да биде пивка, а кажа оти нивните анализи покажале дека водата не била исправна и во изминатите месеци.
„Начинот како функционирала фабриката во минатото е надлежност на градоначалникот преку јавното претпријатие кое е основано од страна на Општината. Тоа што некој требало навремено да инвестира во системите за да може да се донесе водата до фаза на пивка вода е обврска на локалната самоуправа“,
вели Трипуновски.
Претходно, „360 степени“ објави репортажа од Струмица за проблемот со водоснабдувањето, која може да ја погледнете на линкот подолу.
Градоначалникот Костадин Костадинов во изјава за „360 степени“ рече дека би поднел оставка ако ВМРО-ДПМНЕ има решение.
„Ако обезбеди мојата оставка чиста вода, веднаш би ја поднел. Верувам дека нема градоначалник којшто сака да ги тероризира граѓаните. Тоа е обид за саботажа кон мене. Велат вонредна седница, кој ќе дојде? Ќе дојде некој експерт или министерот за земјоделство, директорот на ‘Водостопанство’? Што ќе разговараме? Нема проблем со цевките“,
изјави Костадинов.
Тој порача дека се молат за дожд за да се зголеми нивото на браната Турија и со тоа да се реши проблемот со загадената вода.