Поголема група на незадоволни граѓани веќе се собираат на мирен протест пред Белата куќа во Вашингтон. Речиси десетина дена низ градовите во САД се протестира против полициското самоволие и насилството на полициските службеници. Револтот на граѓаните е поради убиството на афро-американецот Џорџ Флојд од страна на полициски службеник.
Граѓанските протести што се проширија низ САД во десетици градови, не се само против дискриминацијата врз основа на боја на кожата, туку се поттикнати и од економските и социјални проблеми во земјата.
Гласот го креваат луѓето од маргините на општественото живеење, од сите етнички групи, кои настрадале од полициското самоволие, и кои бараат правда и достоен животен стандард.
Мајкл Браун, Бријана Тејлор, Џорџ Флојд, остануваат главните икони во историјата на анти-црномурестиот расизам во САД. Фергусон, Балтимор, Минеаполис се градови расфрлани на разни географски точки, но ги обединува едно – шемата на распространување на дискриминација и насилство врз маргиналните групи од страна на полицијата. Еден од методите дозволен во многу одделенија на безбедносните служби, е употреба на задушување на осомничените.
Состојбите во земјата се менуваат, граѓанското општество бара реформи на кривичното законодавство и судската пракса во САД. Се бара на полицајците да им се одземат големите ингренеции на употреба на сила, лесно посегање по оружје, се бара учество на најмногу тројца полицајци за задржување на еден осомничен.
Познавачите велат дека на протестот во Вашингтон денеска се очекува да дојдат рекорден број луѓе, стотици илјади, можеби и милион.
„Очекуваме најголеми демонстрации во однос на бројките кои ги видовме досега и очекуваме протестите да бидат мирни, како што беа и во изминативе денови“,
изјави синоќа Питер Њушам, шефот на полициските служби на округот Колумбија.
По барање на градоначалникот Мјуриел Баузер, синоќа од градот се повлекоа армиските претставници и воена техника, кои го заградија периметарот околу Белата куќа за секаков пристап. Паркот Лафајет, кој излегува директно пред резиденцијата, ќе биде отворен.