Честа преку која годинава се патува низ минатото и се негува грижата за традицијата и културата ја имаат Огнен Караѓозовски и Марина Петровска.
Тие денеска на Галичката свадба ја крунисуваат својата љубов. Неколкуте илјади посетители од земјава и странство кои се присутни на оваа автентична манифестација, имаат можност да уживаат во уникатните свадбарски обичаи и ритуали, проследени со богатиот колорит на народните носии и изворните песни и ора карактеристични за овие краеви од земјата.
Со Галичката свадба на најдобар можен начин се продолжува вековната традиција на Мијаците, како дел од македонското културно богатство. Како и секоја година, манифестацијата почнува на 13 јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот. Младенците се венчаваат во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста завршува со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.