Оттаму велат дека доколку се јави потреба, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за заштита на граѓаните и од овој тип небезбедни производи
Ја следиме состојбата со случаите на труење со газирани пијалаци и минерална вода во Република Хрватска, а зајакнати се инспекциските контроли при увоз на храна од нашата земја, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Оттаму велат дека доколку се јави потреба, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за заштита на граѓаните и од овој тип небезбедни производи.
„Преку европскиот Систем за брзо известување на небезбедна храна и храна за животни – RASSF немаме добиено нотификација дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни минерални води и газирани пијалаци“,
посочуваат од АХВ.

Инаку, неколку лица завршија во болница во Хрватска поради сомневање за труење со газирани пијалаци. Засега е потврдено дека само два случаи се поврзани со консумирање газирани пијалаци, еден во Загреб и еден во Риека.
Според пишувањата во хрватските медиуми, денеска има шест нови сомнителни случаи, но никој не е хоспитализиран.
Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) добил мостри од безалкохолни пијалаци кои биле доставени од Санитарната инспекција по извршениот увид во кафуле во Риека, каде што неодамна му се слошило на едно лице, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.
Според докторите од Клиничкиот центар во Загреб, вчера биле прегледани шест пациенти со можни последици од консумирање газирани пијалаци, а некои од нив имаат повреди на хранопроводот.
„Веројатно се работи за некои корозивни средства, а најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалак бидејќи самиот пијалак и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди“,
потенцираат оттаму.
Министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, утринава за Н1 изјави дека денеска има „малку повеќе пациенти“.
„Има уште неколку, сите се полесно повредени, кај многумина прашање е дали се работи за хемиска повреда или психогена реакција или некоја друга патолошка состојба. Во моментов ситуацијата е под контрола. Мораме да бидеме внимателни, но нема потреба од паника“,
рече тој.
Министерот рече дека еден пациент имал психогена реакција и дека сите нови случаи се евидентирани во Загреб.