„Наместо да дозволиме патните исправи да ги увезуваме однадвор, ние да бидеме извозници за други држави. Значи, тука да се печатат не само македонските патни исправи, туку и тие за други држави“, рече Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) работат на новина во сферата на личните документи, поточно патните исправи, кои со години се увезуваат од странство, во иднина да се печатат во државата.
Амбицијата, според него, е да бидеме извозници на пасоши и за други држави, односно тука да се се печат не само македонските пасоши, туку и тие за други држави.

Ова премиерот го изјави при неговата посета на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје во зградата на МРТВ.
„Заедно со министерот за внатрешни работи работиме на тоа да обезбедиме патните исправи во иднина да се печатат тука, а не во странство. Изминатите месеци сериозно сме посветени на тој проект. Се надевам дека наскоро ќе ја информираме јавноста и за овој чекор. Наместо да дозволиме патните исправи да ги увезуваме однадвор, ние да бидеме извозници за други држави. Значи, тука да се печатат не само македонските патни исправи, туку и тие за други држави“,
рече премиерот.
За реновираниот објект на МВР во МРТВ рече дека сега македонските граѓани во климатизиран, пристоен и европски амбиент можат да дојдат до своите патни исправи.
Додаде дека се работи за 1 400 квадратни метри реновиран простор, а есенва се очекува да отпочне и втората фаза на реновирање на дополнителни 1 000 квадратни метри, со што ќе се заокружи процесот и повеќе нема да се повторуваат турканиците и метежите од минатото.
Вкупната вредност на проектот, кој опфаќа приземје и кат, односно 2 300 квадратни метри, изнесува 48 милиони денари.