Во однос на тоа колкаво ќе биде владиното побарување за намалување на цените, министерката кажа дека државата ќе се залага за што повеќе, а трговците ќе имаат свој став, но укажа оти ќе се оди кон намалување на ценовните шокови

Снабдувањето со горива е во одлична кондиција, што значи има доволно деривати – изјави денеска при гостување во ТВ Сител, министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Го следиме сето тоа. Засега снабдувањето е во одлична кондиција, што значи дека има доволно деривати. Пазарната инспекција ги провери и оние пет дена што мора да имаат резервни колични, сите имаат. Што значи дека сега засега нема никаков проблем со снабдувањето, но ќе пратиме и понатаму и ќе видиме дали овој процент ќе остане ист и како ќе се одвива понатаму“,
рече Божиновска.
Министерката кажа дека Владата разговарала со 95 проценти од снабдувачите и дека добиле уверување оти нема никаков проблем со снабдувањето.
„Тука е и ОКТА и продуктоводот. Сите нè уверија дека нема проблеми. Ги имаме и стоковите резерви за околу 60 дена. Моментално нема никаков проблем, но ќе следиме како ќе се одвива потрошувачката и во пограничните делови“,
кажа министерката за енергетика.
Таа посочи дека утре повторно ќе има средба со претставници на ОКТА на која треба да се разговара за цената на горивата, како што денеска најави премиерот Христијан Мицкоски.
„Утре ќе се јавиме пак и ќе видиме што може за понатаму да се направи, сè со цел граѓаните да немаат некои големи ценовни шокови“,
рече Божиновска.
Во однос на тоа колкаво ќе биде владиното побарување за намалување на цените, министерката кажа дека државата ќе се залага за што повеќе, а трговците ќе имаат свој став, но укажа оти ќе се оди кон намалување на ценовните шокови.
На прашањето кои други мерки би можеле да се применат, Божиновска рече дека постојат многу типови мерки, но дека со таа што денеска ја соопшти Владата за намалување на ДДВ на горивата од 18 на 10 проценти граѓаните заштедуваат шест до седум денари, а дека веќе претходно во договор со ОКТА имало намалување за уште два денари.
