Барањата на вработените се потпишување на колективен договор со кој ќе имаат 30 проценти додаток на плата

Вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика во вторник ќе излезат на протест бидејќи не им се одобрени 30 проценти додаток на плата. Протестот би траел половина час пред зградите на министерствата.
Според претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, на протестот се очекува да излезат вработените од министерствата за култура, животна средина и просторно планирање, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд.
Сепак, тој вели дека в понеделник ќе се знае точно кој сè ќе учествува на протестот бидејќи постоела можност да се приклучат вработени и од други министерства.
„В понеделник официјално ќе објавиме кој сѐ ќе учествува на протестот. Засега има шест министерства кои ќе излезат на протест, како и вработените во Државниот завод за статистика. Барањата се потпишување на колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата“,
вели Деаноски во изјава за МИА.
Пред два дена на протест излегоа вработените во Државното правобранителство кои бараат да биде потпишан колективен договор во кој ќе бидат предвидени додатоци на плата во висина од 30 проценти.
Од УПОЗ тогаш рекоа дека штрајкуваат сите правобранителства во државата и оти тоа ќе трае сè до исполнување на барањата.