Проектот ќе биде имплементиран со одредени измени во првичниот план

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потврди дека проектот за брз автобуски превоз (БРТ) ќе биде имплементиран, но со одредени измени во првичниот план. Како што соопшти, се планираат корекции поради недостаток на траси кои ги поврзуваат населбите Драчево и Радишани.
Ѓорѓиевски информираше дека веќе остварил состанок со претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Реализацијата на проектот ќе почне откако ќе се потпишат договорите помеѓу Градот Скопје, Министерството за транспорт и Министерството за финансии.
Првата фаза од проектот е проценета на 44 милиони евра и вклучува обезбедување на трасата, стојалиштата и набавка на 35 нови автобуси. Втората фаза изнесува 22 милиони евра.
„Сметам дека некаде во втората половина од следната година би биле подготвени да влеземе со изведба на проектот“,
рече Ѓорѓиевски нагласувајќи дека мостот „Обединети нации“ ќе треба дополнително да се заштити, што не е предвидено во финансирањето од ЕБОР.
Проектот БРТ, кој беше промовиран од администрацијата на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, доби официјална потврда од ЕБОР во април 2021 година.
Вчера и министерот за транспорт, Александар Николоски, рече дека јавниот транспорт во Скопје ќе се реши единствено ако се комбинираат проектите за градски воз, набавка на нови еколошки автобуси и БРТ.
