За време на изминатиот викенд на вакциналниот пункт во Врање се вакцинирале 927 македонски државјани. Според податоците објавени од српските здравствени служби, досега во овој град со првата доза се вакцинирани 2 032 граѓани на Северна Македонија. Вакцинацијата, како што соопштија српските власти, се одвива без претходно закажување, а единствено што со себе треба да носат граѓаните е важечки документ за лична идентификација.
Освен во Врање, од Здравствениот дом во Ниш за МИА изјавиле дека и во овој град македонските државјани можат да се вакцинираат без закажување преку E-управа. За граѓаните се достапни вакцините на „Синофарм“, „Астра Зенека“ и „Фајзер“, додека „спутник В“ им се дава само на граѓаните што добиле покана од Е-управа.