Израел бара да се евакуираат Палестинците во Кан Јунис. Ваквиот потег би можел да принуди стотици илјади Палестинци кои избегаа на југ од израелскиот напад врз градот Газа повторно да се преселуваат
Во израелските воздушни напади врз станбени блокови во јужниот дел на Газа денеска загинаа најмалку 32 Палестинци откако Израел повторно ги предупреди цивилите да се преселат оти нападот на Хамас го врти на југот на енклавата, јави Ројтерс.
Ваквиот потег би можел да принуди стотици илјади Палестинци кои избегаа на југ од израелскиот напад врз градот Газа да се преселуваат повторно (заедно со жителите на Кан Јунис, град со повеќе од 400 000 жители), што би ја влошило страшната хуманитарна криза.
„Бараме од луѓето да се преселат. Знаеме дека не е лесно за многумина од нив, но не сакаме да цивилите да се најдат во вкрстен оган“,
рече Марк Регев, помошник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел има план да ја уништи милитантната група Хамас која го контролира Појасот Газа, по неговото дивеење во Израел на 7 октомври во кое неговите борци убија 1 200 луѓе и одвлекоа 240 заложници во енклавата, според израелските податоци.
Оттогаш, Израел бомбардира до урнатини голем дел од урбаното јадро на енклавата, нареди депопулација на северната половина од тесниот појас, по што се раселија околу две третини од 2,3 милиони Палестинци во Газа. Многумина од оние што побегнале стравуваат дека бездомништвото може да биде трајно.
Здравствените власти во Газа во петокот го зголемија бројот на загинати на повеќе од 12 000, од кои 5 000 се деца.
Обединетите нации ги сметаат овие бројки за веродостојни, иако тие сега ретко се ажурираат поради тешкотијата за собирање информации.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше континуираните напади на Израел врз Газа нарекувајќи ги „сè повеќе неоправдани“, јави ДПА.
„Нападите на Хамас и другите вооружени групи против Израел, во кои загинаа 1 200 луѓе и беа земени над 200 заложници, се целосно неоправдани. Но, нивото на израелскиот одговор изгледа сè понеоправдано. Сведоци сме на уништување на човечки животи и имот во ужасни размери“,
рече Тедрос во видеообраќање пред Генералното собрание на ОН.