Министерството за одбрана на Мексико објави дека САД им давале информации што помогнале во операцијата која, како што наведоа, била планирана и извршена од страна на специјалните сили на земјата
Водачот на еден од најмоќните наркокартели во Мексико, Немесио Осегера Сервантес, познат по прекарот Ел Менчо, е убиен за време на операција за негово апсење во местото Тапалпа во централно-западната држава Халиско, објави мексиканското Министерство за одбрана, пренесе Би-би-си.

Водачот на картелот „Нова генерација Халиско“ и еден од најбараните наркобосови, кој беше ранет во обидот за апсење во судирите меѓу неговите поддржувачи и војската, почина на летот за Мексико Сити.
Во судирите во Тапалпа се убиени уште четири члена на картелот, а повредени се тројца припадници на армијата.
Операцијата е спроведена со помош на американските разузнавачки служби.
Како одговор на убиството на својот водач, припадниците на картелот „Нова генерација Халиско“ започнаа бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи безбедносни сили.
Американскиот Стејт департмент издаде предупредување за своите граѓани во Мексико да останат во своите домови, а претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум Пардо, повика на смиреност.
Инаку, Ел Менчо, 59-годишен поранешен полицаец, раководеше со огромната криминална организација одговорна за трговија со огромни количини кокаин, метамфетамин и фентанил во САД. Американскиот Стејт департмент понуди награда од 15 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење.
Министерството за одбрана на Мексико објави дека САД им давале информации што помогнале во операцијата која, како што наведоа, била планирана и извршена од страна на специјалните сили на земјата.
Според наводите на Би-би-си, убиството на Ел Менчо претставува победа за мексиканската претседателка во нејзината борба против наркокартелите во земјата, а би можело да го зајакне нејзиниот однос со американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе ги таргетира картелите во Мексико.
