Вицепремиерот Стоилковиќ беше на прием на руската амбасада во Скопје, по повод Денот на Русија. Тој е единствениот владин функционер кој се појави на настанот

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинува дека во Владата има инсталации на, како што велат, „српскиот свет“, кој ги промовира и брани руските наративи.
Реакцијата се однесува на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој пред три дена беше на прием на руската амбасада во Скопје, по повод Денот на Русија.
Од партијата на Али Ахмети велат дека заштитата од манипулациите и малигните руски влијанија се препознаени, идентификувани и потврдени од страна на НАТО како директна закана во процесот на политичко одлучување во земјите членки.
„Стoиљковиќ ја претставуваше Владата застаната рамо до рамо со амбасадорите на Русија, Кина и нивни земји стратешки партнери, но и заедно со бројните домашни инсталации на српскиот и рускиот свет, а во одбрана на руската агресија врз Украина. Премиерот и во овој случај се појави во улога на релативизатор на овој опасен тренд, ставајќи се во заштита на неговиот миленик во Владата. Оваа позиција на Владата преставува опасен преседан преку кој се врши ‘нормализација’ на промената на официјална политика на земјава, која треба да ја напушти јасната евроатланска ориентација и да се доближи до алтернативните центри на политичка моќ, предводени од Пекинг и Москва“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Руската амбасада претходно сподели фотографии од настанот и објави дека Стоилковиќ бил меѓу гостите.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски вчера на новинарско прашање – дали однесувањето на Стоилковиќ може да не попречи во билатералните односи со западните земји рече:
„Ставот на Владата околу руската агресија е многу јасен, непроменет и прецизен, истотака и присуството на Изет Меџити во Одеса е јасна потврда, такa што, не би требало никој да има апсолутно никаква дилема“,
кажа Мицкоски.