43. „Марш на ангелите“ ќе се одржи денеска во Виница, а ќе почне од плоштадот „Ангел Винички“. Собирот е закажан за 16:45 часот, а стартот на маршот е предвиден за 17:05 часот
Според организаторите на маршот, ваквата трагедија не смее да биде проследена со симболична одговорност, нагласувајќи дека условната казна не претставува правда за загинатите и погодените семејства
Во Виница денеска по првпат ќе се одржи „Маршот на ангелите“, кој се организира во спомен на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, но и како израз на барање за вистина и правда, соопштија од Здружението на граѓани „16 март 2025“ на Фејсбук.

„Маршот на ангелите“ ќе се одржи денеска во Виница, а ќе почне од плоштадот „Ангел Винички“. Собирот е закажан за 16:45 часот, а стартот на маршот е предвиден за 17:05 часот.
Организаторите велат дека маршот се одржува поради 63-те загинати, зад кои стојат прекинати животи, неостварени соништа и семејства што останале без свои блиски, додека над 500 повредени и преживеани секојдневно живеат со последиците и траумите од трагедијата.
„Маршираме затоа што за ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Затоа што условна казна не е правда за 63 изгубени животи и стотици уништени семејства. Молчевме доволно. Сега зборуваат ангелите преку нас. Чекорат преку нас“,
се вели во соопштението од Здружението на граѓани „16 март 2025“.
Оттаму додаваат и дека целта на маршот е да не се дозволи повторување на слични трагедии и да се обезбеди вистинска правда за жртвите.
