„Во однос на временскиот период кога ќе бидат тие предмети ставени на седница, не би можела да ви одговорам зашто тоа зависи исклучиво од тимот што работи, а јас никогаш не се мешам во работат на судијата и на советниците“, вели претседателката на Уставниот суд

Во Уставниот суд веќе има оформено пет предмети откако пристигнале пет иницијативи кои се однесуваат на личните карти, возачките дозволи и пасошите. Иницијативите, како што информира претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, се однесуваат на периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење зашто некои сè уште се со важност, како и на слободата на движење која е ограничена.
Предметите, како што рече Кацарска, веќе се доставени до тимови, судија известител и советник на Судот, но вели дека не знае кога тие ќе бидат ставени на седница.
„Во однос на временскиот период кога ќе бидат тие предмети ставени на седница, не би можела да ви одговорам зашто тоа зависи исклучиво од тимот што работи, а јас никогаш не се мешам во работата на судијата и на советниците“,
рече Кацарска одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на поштенска марка по повод 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија.
На прашањето што точно е оспорено, Кацарска рече дека тоа не може да го каже, но според неа, се работи за она што е актуелно во нашата држава – за личните карти, за возачките дозволи и за пасошите.
„Се работи за она што е актуелно во нашата држава – за личните карти, за возачките дозволи и за пасошите. Конкретно не можам да кажам што е оспорено, но секако дека е оној период на издавање на личните документи, нивното времетраење, зашто има некои документи кои се сè уште со важност, и слободата на движење која е ограничена на овој начин. Но, тука граѓаните би морале да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд“,
додаде Кацарска.
Според неа, доколку била воведена уставната тужба, тогаш тие, како што рече, ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое барање, секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот. Мора да се разграничи, додаде, дека согласно членот 110 алинеа 3 од Уставот, што е надлежност на Уставниот суд.
„Токму тука би нагласила дека сега политичарите, се надевам, ќе разберат зошто 2,5 години бев силен поддржувач на воведувањето на уставната тужба. Ако ние го имавме овој институт, уставна тужба, тогаш граѓаните ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое нивно барање, за секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот. Се надевам дека сега ќе разберат без да ме критикуваат зошто барав измена на Уставот, односно проширување на неговата надлежност“,
рече Кацарска.
Прашана да даде свое мислење околу ситуацијата со личните документи, Кацарска рече дека тоа не може да го каже зашто е претседател на Уставниот суд.
„Со оглед дека сум претседател на Уставниот суд, мојот личен став како правник не би смеела да го кажам. Повторно ќе речам, и за дискриминација Судот одлучува, но, во Уставот е наведено за кој вид дискриминација можеме ние да работиме – по однос на пол, раса, вера, политичка припадност. Моето лично мислење, како човек и како правник, морам да го задржам за себе“,
додаде претседателката на Уставниот суд, Кацарска.
