Уште кога била пратеник во Собранието од редовите на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ вели дека го критикувала изборот на судијката бидејќи, како што додаде, тој бил спротивен на Уставот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека не би смеело да се проблематизираат одлуките што ги има донесено уставната судијка Елизабета Дуковска, но оти во Уставниот суд не може да остане личност избрана на неуставен или незаконски начин. Ова таа го изјави одговарајќи на новинарско прашање во врска со пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за уставна судијка.

„Дискутиравме вчера со колега, врвен експерт од нашата област, грчки професор. Тој како и нашата колешка Ана Павлова-Данева вели дека сега не би смеело да се проблематизираат одлуките што ги има донесено судијката. Меѓутоа, не може да остане во Уставниот суд личност што е избрана на неуставен, па и ако сакате и на незаконски начин. Каков е тој натпревар ако имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне“,
вели претседателката.
Според неа, тие се опомените, ако сакаме да имаме Уставен суд што ќе биде противтежа на трите власти. Вели дека ова е лекција и за пратениците.
„Тие ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено убедување, но во политика во границите на правото. Таква не беше таа“,
кажа таа.
Уште кога била пратеник во Собранието од редовите на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ вели дека го критикувала изборот на Дуковска, бидејќи, како што додаде, тој бил спротивен на Уставот.
„Најдете го стенограмот од седницата за да видите што зборував и на што укажував, дека тоа е спротивно на Уставот, дека мора да има еднаквост на шансите во натпреварот, дека не може да се анулираат другите кандидати. Но, во таа атмосфера аргументите не врвеа. Претседателот на Собранието со мнозинството се договори, нашите предупредувања се одбиваат од ѕид, но резултатот еве дојде. Затоа велам дека во Уставниот суд, тоа ќе се одрази на процесот на одлучување“,
вели Сиљановска-Давкова.
Управниот суд вчера ја објави пресудата од 15 мај со која се поништува одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за уставна судијка.
Управен ја донел ваквата пресуда уважувајќи ја тужбата на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, која е поднесена против изборот на Дуковска.
Управниот суд ваквата одлука ја донесе по две години од изборот на Дуковска, која прво беше избрана во Судскиот совет со поддршка од 11 гласа и два гласа „против“, а потоа официјално беше изгласана во Собранието во април 2023 година.
Покрај Дуковска, предложени беа уште две кандидатки што ги исполнувале условите.
Според пресудата, причината поради која Управниот суд ја поништил одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд е неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет.