Адвокатот на министерот за надворешни работи, пак, Љупчо Илиев, изјави дека од тужбата не може да произлезе оти Бујар Османи имал намера некого да омаловажи и додаде дека наводите изнесени од тужителите не може да се поведат под одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета
Министерот Бујар Османи од позиција на функционер не смее да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и самите борци за човекови права, изјави денеска Трајче Торов, адвокат кој ги застапува Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и неговиот претседател Бил Николов во тужбата за навреда и клевета против шефот на македонската дипломатија.
„Секој функционер, доколку сака да биде на тоа ниво да критикува, треба да си даде оставка и да биде обичен граѓанин за да може да критикува на едно нормално ниво, а не на ниво на навреда со прогласување на некој за сомнителен или за антидржавен елемент. Ние не бараме негова оставка преку тужбата, но доколку се смета дека тоа е негово демократско право да критикува, а не да навредува, треба да биде на исто ниво како тие што ги критикува, а не од позиција на моќ да кажува кој е државен елемент, кој е против државата итн.“,
рече адвокатот кој ги застапува ММДЧП и неговиот основач.
Додаде дека во тужбата е поднесено и барање за отштета од околу 10 илјади евра во денарска противвредност.

Македонското меѓународно движење за човекови права поднесе тужба против Османи откако шефот на дипломатијата во октомври минатата година за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се провери кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград поради чувствителноста на билатералните односи и да се види дали навистина има добронамерност или е дел од туѓа агенда.
„Финансирањето на здружението на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент претставува ставање на мета на тие финансиери, а и на тие здруженија. Секако е омаловажување, не е еднакво тоа лице со оние што не се сомнителни. Тоа е доказ за навредата и омаловажувањето со ваквите изјави, особено функционер кој е платен од народот да се грижи за човековите права“,
додаде Торов.
Адвокатот на министерот за надворешни работи, пак, Љупчо Илиев, изјави дека од тужбата не може да произлезе оти Османи имал намера некого да омаловажи и додаде дека наводите изнесени од тужителите не може да се поведат под одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

На прашање зошто, според него, не станува збор на навреда и клевета, тој одговори дека од страна на министерот е изразено само јавно мислење за активности на одредено здружение.
„Останува Судот да ги цени наводите од наша страна“,
рече адвокатот на министерот Османи во изјава за медиумите по денешната подготвителна расправа.
Во Основниот граѓански суд Скопје денеска започна судењето по тужбите поднесени на 27 јануари 2023 година против министерот за надворешни работи Бујар Османи од страна на претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) Бил Николов и ММДЧП како организација.
Османи денеска не се појави на првото рочиште, оти, како што посочија од Министерството за надворешни работи, не добил покана за на суд. Покани за денешното судење единствено добиле адвокатите на странките во постапката.
Процесот го води судијката Јехона Садику, а судењето продолжува на 29 мај.