Алиу ја обвини опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), дека кога биле на власт не го решиле проблемот на медицинскиот кадар во тетовската болница. И за неговиот претходник, Арбен Таравари, додаде дека ништо не направил за овие луѓе што со години работат без решен работен статус
Договор за вработување на неопределено време ќе добијат 155 медицински сетри, лекари и друг технички кадар во Клиничката болница во Тетово, најави на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

Со тоа, како што рече, ќе заврши агонијата на 155 лица, од кои некои со години работат во оваа здравствена установа без решен статус.
Алиу ја обвини опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) дека кога биле на власт не го решиле проблемот на медицинскиот кадар во тетовската болница. И за неговиот претходник, Арбен Таравари, додаде дека ништо не направил за овие луѓе што со години работат без решен работен статус.
За Таравари рече дека од страна на ДУИ го користат како маша на партијата, додавајќи дека тоа граѓаните го гледаат.
„Дури и Арбен Таравари беше една година министер и ништо не направи. Само седеше и гледаше како овие луѓе се понижуваат со предвремени договори и живеат во несигурност. За жал, кога ние донесовме решение, тие повторно покажаа дека единствено што знаат е да лажат, да манипулираат и да подметнуваат преку своите луѓе што сѐ уште шетаат по институциите“,
рече тој.
Посочи дека административниот дел од договорите за вработувања во болницата во Тетово е веќе готов и се очекува за неколку дена да бидат потпишани.
„Ова се административни процеси што траат. Ние денеска го решаваме проблемот. Административниот дел е завршен. Очекуваме за два-три дена да ги потпишат договорите“,
кажа Алиу.
Според него, нови амбулантни возила, покрај Итната помош во Скопје, ќе добијат и тие во другите градови.
„Во моментот бараме по електронски пат да одговорат од сите центри колкав е недостигот и на возила и на човечки ресурси. Постапката во Скопје веќе е при крај и очекуваме за десетина дена да биде завршена“,
рече министерот за здравство.
Од ДУИ излегоа со обвинувања дека нема согласност за засновање на постојан работен однос за 155 медицински сестри и други профили во Клиничката болница во Тетово.
На оваа тема денеска се произнесоа премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Теетово, Биљал Касами. И двајцата рекоа дека проблемот со хонорарно вработените во тетовската болница ќе се решава системски.