Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) вчера порачаа дека доколку тројцата судии на Врховен кои се изјасниле за ваквата пресуда не се поднесат самите оставки, ќе почнат постапка за нивно разрешување пред Судскиот совет
Во Судскиот совет веќе пристигнала претставката која Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја најави вчера, а во врска со пресудата на Врховниот суд за одземање на имот на Синдикатот, конкретно на зградата Работнички дом во Скопје.
Од ССМ вчера изјавија дека бараат оставки од судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани од Врховниот суд кои ја донеле пресудата. Оттаму порачаа дека, доколку судиите не ги поднесат оставките до петок, ќе почнат постапка пред Судскиот совет за нивно разрешување.
Од Судскиот совет, во соопштението објавено на неговата официјална интернет-страница, информираат дека претставката е веднаш распоредена кај член на Советот и дека во тек е постапка по неа.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија со внимание ги следи реакциите во јавноста, во врска со Одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, која се однесува на Сојузот на синдикатите на Македонија и во рамките на своите надлежности презема дејствија во насока на констатирање на состојбата. До Советот доставена е претставка од Сојузот на синдикатите на Македонија, истата веднаш е распоредена кај член на Советот и во тек е постапка по претставката“,
се наведува во кусото соопштението на Советот.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, вчера на прес-конференција изјави дека тројцата судии, кои биле во Советот од пет судии на Врховен, покрај Елица Крстевска и Анета Бошковска, кои гласале против ваквата одлука, ја донеле пресудата со нивно слободно убедување без аргументи, со користење закон што не е во сила.
Како што образложи Трендафилов, тројцата судии, во пресудата се повикуваат на закон од 1998 година кој не е во сила, затоа што во 2010 година е донесен нов, во кој е наведено дека со неговото стапување во сила престануваат да важат одредбите од претходното законско решение.
„Многу ми е жал што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов закон за здруженија и фондации во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на политички партии, цркви, верски заедници, религиозни групи, синдикати, комори и други видови на здружување утврдени со посебни закони“,
рече вчера Трендафилов.
Како што посочи тој, дури и во член од законот од 1998 година е наведено дека имотот на ваквите здруженија стекнат од сопствени пари им припаѓа на тие здруженија.
Тројцата судии, посочи Трендафилов, не ја почитувале ниту одлуката на Уставниот суд од 1992 година во чие образложение е укината одлуката за определување на рокот за преземање на средствата на општествени и политички организации, а не ја почитувале ниту пресудата на Врховниот суд од 24.11.2004 година во која се одбива барањето за одземање на имотот на ССМ.
Од Сојузот на синдикатите се сомневаат дека одлуката на Врховен е донесена под политички притисок и како што рекоа вчера оттаму, најмалку што можат да сторат судиите сега е да донесат нова пресуда со која ќе ја поправат старата.
За случувањата, рече Трендафилов, се информирани европските и светските синдикати, а од ССМ најавија и постапка пред Меѓународниот суд на правдата.
Претседателот на ССМ минатата недела соопшти дека Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.
По прес-конференцијата на Трендафилов, Врховниот суд ја објави пресудата.
Од Врховниот суд нагласуваат дека се одлучувало по тужба од државата, а дека претседателката на судот не учествувала во одлучувањето по предметите, ниту, пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките.
Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.