Според нив, Комората не ги почитува судските одлуки, а трошоците во постапките паѓаат на товар на стоматолозите. Очекуваат министерот за здравство итно да реагира и да стави крај на хаосот во Комората
Членови на Стоматолошката комора бараат оставка од нејзиниот претседател, Маријан Денковски, обвинувајќи дека во ова тело владее целосен тоталитаризам и самоволие. Велат дека на членови и делегати на Комората им се изрекуваат незаконски казни без законска основа, како и дека се поднесуваат финансиски извештаи што не се реални, а се елиминираат одредени здруженија на сметка на други.

Според нив, Комората не ги почитува судските одлуки, а трошоците во постапките паѓаат на товар на стоматолозите. Очекуваат министерот за здравство итно да реагира и да стави крај на хаосот во Комората.
На прес-конференција, д-р Амела Цана, специјалист по ортодонција, посочи дека поради политиките на претседателот на Комората расте незадоволството меѓу стоматолозите.
„Во демократско општество изразувањето на мислењето и дијалогот на интелектуалците може да биде само најефикасен начин за доаѓање до вистински конструктивни решенија на проблемите. За жал, за претседателот на СКМ тоа е основ за поведување на дисциплински постапки, санкции и прогон на своите колеги. Доктор Маријан Денковски, против своите неистомисленици поведува дисциплински постапки пред Судот на честа, кој се занимава со сè освен со задачата што му е доделена со Законот за здравствена заштита“, рече таа.
Според неа, самоволието на Денковски одело до тој степен што Комората не почитувала пресуди на Уставниот и на Управниот суд.
„Веруваме дека во државата постојат институции што ќе застанат на патот на ваквото самоволие во Стоматолошката комора и ќе го вратат достоинството на докторите по дентална медицина. Бараме веднаш министерот за здравство да постапи согласно неговите законски надлежности и да стави крај на ваквото владеење“, вели докторката.
Членовите на Комората велат дека оваа нивна голгота трае веќе пет години, односно од првиот мандат на претседателот Денковски.
Сметаат дека во овој момент најмалата работа што може да ја направи е да си поднесе итна и неотповиклива оставка од функцијата, на која е избран, како што додаваат, спротивно на Статутот, за што сè уште е во тек управна судска постапка.