Пратеникот на Зелено-левичарскиот фронт, Радомир Лазовиќ, чија партија е подносител на предлог-законот, за српските медиуми изјави дека одамна е време за правно признавање на истополовите заедници, бидејќи, како што вели, со тоа на членовите на ЛГБТ-заедницата ќе им се овозможат исти права како и сите други граѓани на Србија
Во пресрет на Парадата на гордоста, која утре ќе се одржи во Белград, денеска Зелено-левичарскиот фронт до српскиот парламент поднесе предлог-закон за признавање и правно регулирање на истополовите заедници, објави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Усвојувањето на овој закон е едно од главните барања на ЛГБТ-популацијата во Србија од 2017 година, но според активистите, владата нема интерес да усвои ниту едно од нивните барања, меѓу кои е и овој закон.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во август годинава изјави дека нема да го потпише законот за истополови бракови, ниту законот кој, како што рече, ќе создаде „некој трет пол каде што не сте ниту маж ниту жена“.
Пратеникот на Зелено-левичарскиот фронт, Радомир Лазовиќ, чија партија е подносител на предлог-законот, за српските медиуми изјави дека одамна е време за правно признавање на истополовите заедници, бидејќи, како што вели, со тоа на членовите на ЛГБТ-заедницата ќе им се овозможат исти права како и сите други граѓани на Србија.
Со овој закон, објаснуваат пратениците од Зелено-левичарскиот фронт, на припадниците на ЛГБТ-популацијата ќе им се овозможи да склучат граѓански брак, заеднички да стекнуваат движен и недвижен имот, заеднички да аплицираат и да добијат заем од деловните банки, како и да го наследат меѓусебниот имот.
Поднесувањето на предлог-законот е во пресрет на утрешната парада на гордоста која во Белград оваа година ќе се одржи под слоганот „Не сме ни блиску“. Главното барање кое ќе биде упатено на утрешниот протестен марш е донесување на законот за родов идентитет и подобрување на здравствените услуги на транс-лицата.