Денеска бројот на нови случаи на заразени е над 5 200 и е најголема бројка од 17 декември лани
Од вечерва до понеделник, 22 март, во Србија се затвораат сите ресторани, трговски центри, сите продавници (освен оние за храна), кина, музеи, галерии, салони за убавина и фризерски салони, обложувалници, казина, игротеки, спортски сали, фитнес – центри и базени во Србија. Не е дозволена ниту шалтерската продажба на храна во рестораните, како ни оние за кафе и пијалоци на шеталиштата.
„Апсолутно станува збор за компромис. Ова е компромисно решение, но мислам дека сите наши решенија досега беа компромитирани “,
изјави премиерот на Србија, Ана Брнабиќ.
Мерките се компромис меѓу барањето на медицинскиот дел на Кризниот штаб кој бараше затворање од 14 дена, а одлуката „падна“ на пет дена.
Главниот епидемиолог Предраг Кон кој е најгласен во барањето за што подолго затворање, предложи проширување на мерките со казни за оние кои ќе ги прекршат – да одат на општокорисна работа во болниците, односно да носат боци со кислород, за што не е потребно медицинско знаење.
„Тоа е сериозен предлог, бидејќи за носење на боците со кислород е потребна физичка сила, а бидејќи се работи за помлади луѓе , тоа е едно од можните размислувања. Зошто го споменувам ова? Искрено, не очекувам да се спроведе, но нека биде еден начин за одвраќање“,
рече Кон.
Од понеделник, учениците од пониските одделенија во основните училишта најверојатно нема да одат на училиште , туку ќе следат онлајн настава. Од Здружението на родители веднаш реагираа со забелешка дека ваквата одлука може да предизвика незадоволство кај родителите, доколку не им биде дозволено отсуство од работа со целосна компензација, како за време на вонредната состојба.
На мерките реагираа и угостителите поради што, премиерката Брнабиќ најави дека ќе разговара со нив.
Денеска бројот на нови случаи на заразени е над 5 200 и е најголема бројка од 17 декември лани.