Во Србија досега втора доза вакцина примиле 1 200 000 лица, од кои 736 пријавиле несакана реакција. Најмногу реакции се пријавени на вакцината на „Синофарм“, а најмалку на онаа на „Астра Зенека“
Павле Зелиќ од Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија денеска изјави дека заклучно со 5 април се регистрирани 736 несакани реакции на вакцините против коронавирус. Според него, тој број е занемарлив во однос на бројот на дадените вакцини.
Зелиќ за РТС изјави дека најмногу реакции се регистрирани на вакцината на „Синофарм“ – 263, на „Фајзер/Бионтек“ имало 227 реакции, на „спутник В“ 137, додека 109 пријави за несакани реакции има за вакцината на „Астра Зенека“.
Тој забележува дека сите реакции биле лесни, освен пет, кои биле посериозни, но дека не била потребна подолга хоспитализација на вакцинираните.
Тој посочи дека овие бројки се занемарливи во однос на бројот на дадени вакцини против коронавирусот.
Зелиќ оцени дека е потребно да им се објасни на граѓаните дека треба да се вакцинираат и нагласи дека не треба да се информираат на социјалните мрежи.
„Ние мора да ја зајакнеме довербата во институциите. Сега е критичен период, секој поединец треба да се охрабри да се вакцинира. Нема стерилитет ниту сериозни алергиски реакции по примање на вакцините“,
рече тој.
Зелиќ истакна дека сега, кога околу 1 200 000 граѓани ја примиле втората доза на вакцината, се очекува ефективноста на вакцината против ковид во Србија да биде мерлива.
„Меѓу починатите нема такви што биле вакцинирани двапати. Студиите од САД, Израел, Велика Британија покажуваат, а ќе покажат и кај нас, дека вакцините дејствуваат и даваат ефект, и ова ќе заврши во одреден момент“,
рече Зелиќ.