Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, што потпиша договор со претставници на компанијата „Фајзер“ за купување на најдобриот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто
Во Србија пристигна најсовремениот лек против коронавирусот, „Паксловид“, откако Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри употребата и продажбата на овој лек пред десет дена. Како што информира дописникот на МИА од Белград, Србија е првата земја во континентална Европа која го доби овој лек, а во Европа доставен е уште во Велика Британија.
Европската агенција за лекови (ЕМА) на крајот на јануари ја одобри антиковид пилулата од производителот „Фајзер“, која ќе стане првиот орален антивирусен лек против таа болест одобрен во Европската унија.
„Паксловид е првиот орален антивирусен лек препорачан во ЕУ за третман на ковид-19“,
се наведува во тогашното соопштение на ЕМА.
„Паксловид“ е антивирусен лек кој e наменет за орална употреба и за третман на инфекција со ковид-19 кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Употребата на лекот се препорачува да започне во првите пет дена по појава на симптомите, се наведува во соопштението кое го пренесе српската РТС.
Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, што потпиша договор со претставници на компанијата „Фајзер“ за купување на најдобриот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.
По тој повод, министерот за здравство, д-р Златибор Лончар, истакна дека вакцината останува основно оружје во борбата против вирусот, а дека лекот „Паксловид“ е дополнителен напор на државата за зачувување на здравјето на граѓаните.