Од вкупниот број на несакани реакции, 82 се за вакцината на „Астра Зенека“, но меѓу нив нема ниту еден поврзан со нарушувања на тромбоцитите односно со проблеми во протокот на крвта
Србија се приближува до бројот од еден милион граѓани кои ќе ја примаат и втората доза на вакцина против коронавирусот, а досега се пријавени 626 случаи со несакани реакции и нема ниеден случај на емболични или нарушувања со тромбоцитите по вакцинација со „Астра Зенека“, тврди Павле Зелиќ од српската Агенција за лекови и медицински средства.

„Моментално имаме 82 пријавени случаи со несакани реакции на вакцината на ’Астра Зенека‘, но сите тие беа очекувани благи реакции и така е генерално со сите останати вакцини. Станува збор за болки на местото на вакцинација, оток, малаксаност и покачена температура, ништо што би нè загрижило“,
вели Зелиќ за РТС додавајќи дека нема ниту еден случај поврзан со проблеми во протокот на крв низ крвните садови, како оние што предизвикаа загриженост во ЕУ.
Покрај „Астра Зенека“, во Србија се користат и кинеската „Синофарм“ со која се вакцинирани најмногу граѓани, како и „Фајзер“ и „Спутник В“.
Од вкупниот број несакани реакции, околу 224 се однесуваат на „Синофарм“, околу 200 на „Фајзер“, 118 на „Спутник В“ и 82 на „Астра Зенека“.