Парламентарните и локалните избори ќе се одржат речиси два месеци подоцна од првично предвидениот термин – 26 април
На 21 јуни во Србија ќе се одржат парламентарните и локални избори што беа првично закажани за 26 април (две седмици по парламентарните избори што требаше да се одржат во Северна Македонија на 12 април), ама беа одложени поради кризата со коронавирусот.
Одлуката за новиот изборен датум, како што јавуваат медиумите во Белград, е донесена на состанок на српскиот претседател Александар Вучиќ со претставници на политичките партии.
„Вонредната состојба во Србија ќе биде укината в среда. Што се однесува до изборите, ние ја прифативме идејата на некои политички партии изборите да не бидат на 14, туку на 21 јуни. Имаше две опции. Некои сакаа изборите да бидат во август, но најмногу заради потписите за независните листи. Повеќето претставници на власта сакаа изборите да бидат на 14 јуни, но некои сакаа да ги добијат тие седум дена, па прифативме да бидат на 21 јуни“,
изјави Вучиќ.
Тој посочи дека ќе се почека почека мислењето на лекарите, епидемиолозите и другите стручњаци, така што од здравствената состојба на нацијата и нивото на епидемија зависи дали ќе бидат дозволени предизборни собири. После ова тешко време што го поминавме, рече Вучиќ, ќе се обидеме да обезбедиме демократска атмосфера.
Вучиќ, како што пренесува „Блиц“, рекол дека повеќе би сакал да поднесе оставка отколку да се согласи да формира техничка влада под притисок однадвор, нагласувајќи дека на власт се доаѓа исклучиво со добивање мнозинство на избори.