Предупредувањето се однесува на Белград, Срем, Јужен Банат, Поморавље, Источна, Западна и делови од Југозападна Србија

Српскиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) денеска издаде итно предупредување поради временските услови во земјата. Поради најавата за леден дожд и обилни снежни врнежи, властите го активирале системот за СМС-известување за да ги предупредат граѓаните на претстојното невреме во периодот од 5. до 7. овој месец.
Предупредувањето се однесува на Белград, Срем, Јужен Банат, Поморавље, Источна, Западна и делови од Југозападна Србија.
Според податоците од РХМЗ, во Белград, Нови Сад, Зрењанин, Сремска Митровица и во Ваљево веќе паѓа силен снег. Прогнозите велат дека ќе се формира покривка од 10 до 20 сантиметри, што веќе создава огромни проблеми во белградскиот градски превоз.
„Во текот на ноќта кон понеделник и на почетокот на следната недела, на југ од Бачка, во Срем, Западна и Југозападна Србија, во поширокото подрачје на Белград, во Јужен Банат, Шумадија, Поморавље и во Источна Србија, се очекува локален замрзнат дожд, додека понатамошно зголемување на висината на снежната покривка се очекува на север и на запад од земјата, особено во вторник навечер и во среда“,
се вели во предупредувањето од РХМЗ.
Покрај предупредувањето од УХМР и државните служби имаат издадено препораки до граѓаните.
Од „Патишта на Србија“ апелираат да не се тргнуваа на пат без зимската опрема, која е задолжителна.
„До сите учесници во сообраќајот, да не тргнуваат на пат без задолжителна зимска опрема освен ако е апсолутно неопходно, а доколку тргнат на пат, да бидат особено внимателни поради лоши временски услови, да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да го приспособуваат своето возење на условите на патот“,
велат од „Патишта на Србија“.
Оттаму додаваат дека засега автопатиштата и сите државни патишта од прв и од втор ред, како и приодите кон граничните премини и планинските центри се проодни за сообраќај.
Од „Ер Србија“ велат дека поради снежните врнежи можно е да има влијание врз авиосообраќајот, но дека екипите работат да се зачува редовноста на летовите.
Во предупредувањето до граѓаните се вели и дека треба да бидат подготвени за можни дефекти на енергетската мрежа.
