Во несреќата животот го загуби четириесет и деветгодишна жена од Куманово, додека, пак, три други лица, меѓу кои и пејачот Давид се здобиле со телесни повреди
Од Mинистерството за внатрешни работи денеска соопштија дека во сообраќајната несреќа која се случи доцна синоќа во близина на граничниот премин „Табановце“ учествувале три автомобили, од кои едниот бил со српски национални ознаки во кој возач бил српскиот музичар Ѓорѓе Давид.
Во несреќата, животот го загуби 49-годишна жена од Куманово, а три други лица се здобиле со телесни повреди. Двајца од нив биле задржани во Општата болница во Куманово, додека, пак, едно лице поради сериозноста на повредите било пренесено на скопските клиники.
„Во сообраќајката учествувале патничко возило ‘фолксваген поло’ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б. Т. (24) од Куманово, патничко возило ‘фолксваген голф’ со скопски регистарски ознаки, управувано од В. П. (45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ. Н. (59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ. Т. (49) од Куманово, сопатничка во возилото ‘поло’, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово“,
соопштија од МВР.
Увид на местото извршиле екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција.
Инаку, до несреќата, според неофицијални информации, дошло најверојатно поради густата магла.
Српските медиуми објавија дека српскиот музичар Ѓорѓе Давид се враќал од Гевгелија, каде што имал деловни обврски, а додека возел кон излезот од Македонија, објавил видео на социјалните мрежи во кое се пожалил на лошото време и на снегот што интензивно паѓаше во текот на вчерашниот ден.