Мартиновски вели дека значењето и успехот на оваа академска средба ги охрабрува и обврзува да ги поканат грчките колеги следната научна средба да се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во текот на наредната година
Професорката Румена Бужаровска вели дека во полниот амфитеатар, грчките студенти од факултетот искажале поддршка и скандирале во знак на поддршка на настанот и на автономијата на Универзитетот
„Духовна гозба“ – вака деканот на Филолошкиот факултет, професор Владимир Мартиновски ја оценува вчерашната научна конференција што се одржала на Универзитетот „Македонија“ во Солун, а на која македонски и грчки професори разговарале за перспективите на културна соработка со акцент на македонскиот јазик.
Оценката на Мартиновски доаѓа по, како што вели, богатата програма, одличната организација и инспиративните излагања што ги имале сите учесници.
Научната конференција што се одржала во амфитеатар на Универзитетот „Македонија“ во Солун, била во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на солунскиот Универзитет во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Професорот Мартиновски вели дека конференцијата ја одбележала пријатна пријателска атмосфера на дијалог и меѓусебно уважување.
„Програмата опфати исцрпни научни излагања посветени на македонската литература, но и презентација на авторски книжевни текстови поврзани со егејската тема и историските трауми, но и со потребата за нивно надминување. Беа презентирани и најнови препеви на грчки јазик на низа антологиски песни од современата македонска поезија, а настанот беше збогатен и со музички интерпретации на неколку македонски традиционални песни“,
вели Мартиновски за МИА.
Тој вели дека од страна на колегите од Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии им биле презентирани „досегашните искуства од доменот на меѓународната соработка со универзитетите во Република Северна Македонија“ и истакнува дека сега, пред нив е „потребата таа да се продлабочи и во иднина“.
Мартиновски вели дека значењето и успехот на оваа академска средба ги охрабрува и обврзува да ги поканат грчките колеги следната научна средба да се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во текот на наредната година.
На научната конференција, учествувале и професорките Румена Бужаровска, Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јоаниду и Елени Сидери, професорот Јоанис Манос, асистентката Елена Ѓорѓиовска, д-р Кица Колбе, д-р Евангелос Киријаку, Марија Думпа и Фотис Сионис.
Задоволство и надеж дека конкретниот научен симпозиум ќе прерасне во традиција, во разговор за МИА изразува и професорката Румена Бужаровска, која се осврнува и на малите обиди да се спречи одржувањето, но и на „одбраната“ и поддршката од грчки студенти.
„Настанот беше исклучително успешен, посебно со оглед на тоа што одредени фашистички групи се обидоа да ги заплашат грчките организатори за да не се одржи. Во полниот амфитеатар, грчките студенти од факултетот дојдоа да искажат поддршка и скандираа токму во знак на поддршка на настанот и на автономијата на Универзитетот. Од тој аспект, со оглед на тоа дека ова е прв официјален академски настан за македонскиот јазик и за продлабочувањето на научните и академските врски меѓу македонските и грчките филолози, овој собир беше навистина револуционерен и хуманистички, кој верувам дека ќе прерасне во традиција и на двата универзитета“,
вели професорката Бужаровска.
Професорката Александра Јоаниду, вчера, во пресрет на настанот, за МИА посочи дека целта е да се зацврсти долго планираната соработка помеѓу Универзитетот во Скопје и Универзитетот Македонија, додавајќи дека „по официјалното признавање на македонскиот јазик со Договорот од Преспа требаше да се спроведе и во академската средина за конечно да започне плодна размена на идеи, култура, знаење и соработки на академско ниво“.
Професорките Јоаниду и Бужаровска веќе имаат соработка, со оглед на тоа дека две од книгите на македонската авторка се веќе преведени од македонски на грчки јазик, во превод токму на професорката Јоаниду, а делата беа промовирани во Солун, Атина, но и на островот Крит.
Поединечни културни настани во Солун со учество на македонски писатели и професори имаше и во минатото, односно во периодот пред да биде потпишан Договорот од Преспа, по иницијатива на тогашниот генерален конзул во Солун Маја Апостолова, кога се одржаа предавања на македонски и грчки професори, поетски читања на македонски автори, но и посета на Солунскиот Универзитет „Аристотелис“ на стотина студенти од УКИМ заедно со нивни професори во 2016 година.