Два митинга за поддршка на бугарската влада се одржуваат вечерва во Софија. Првиот се одржува пред зградата на претседателската администрација за, како што тврдат демонстрантите, „да го потсети Румен Радев дека ги има истите луѓе кои излегоа во 2020 година и го поддржаа кога ГЕРБ и главниот обвинител ги нападнаа неговите канцеларии“, јави дописникот на МИА од Софија.
Овој митинг го организира Националната граѓанска иницијатива „Правда за сите“. На него присуствувал и разрешениот претседател на Народното собрание Никола Минчев и привремениот претседател на бугарскиот парламент Мирослав Иванов.
Вториот митинг се одржува пред Народното собрание на Бугарија.
Доцна вечерва демонстрантите од пред зградата на претседателската администрација ќе им се придружат на оние пред Народното собрание за да испратат јасен сигнал дека сакаат да се зачува политичката стабилност и да нема промена на прозападниот курс на Бугарија, пренесуваат бугарските медиуми.