За утре е најавена средба за законот меѓу претставници на сите политичките групи во Собранието. Дескоска очекува на средбата да се усогласи текст што ќе влезе во собраниска процедура
Новото законско решение за јавното обвинителство сè уште не е влезено во собраниска процедура за да може да биде ставено на гласање и да се види дали има двотретинско мнозинство за негово донесување. Иако вчера заврши расправата за новиот предлог-закон во Комисијата за политички систем, за утре е најавена нова средба меѓу претставници на сите политичките групи во Собранието.
По завршувањето на јавната расправа, министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска, напиша на Фејсбук дека на средбата треба да се усогласи текст што ќе влезе во собраниска процедура.
Стариот закон е сè уште во „игра“
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека од тоа дали и кога законот ќе биде доставен во парламентот зависи кога тој би бил ставен на дневен ред на пленарна седница. Тој рече дека, ако биде доставен усогласен предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе го стави на дневен ред, затоа што постои таква деловничка можност.
Џафери потсети дека во собраниска процедура веќе има еден предлог-закон за ЈО, кој беше и на комисиска расправа, така што за него има усогласено триесетина амандмани меѓу власта и опозицијата. За новото законско решение, пак, рече дека е само најава.
„Еден предлог-закон за јавно обвинителство веќе е на дневен ред на 108. седница уште од лани. За тој предлог имаше околу 60 амандмани, од кои дел беа усогласени уште во таа постапка. Најавите се дека ќе има нов предлог. Собранието не работи по најава, туку по конкретен предлог. Оној момент кога ќе добијам нов предлог би можел веднаш да закажам седница“,
рече Џафери.
Тој објасни дека процедурално и може да продолжи 108. седница по таа точка или да се оди со нов текст на закон кој би бил ставен на дневен ред на нова седница.
„Во редовна постапка не можат да стигнат процедурите за да се донесе нов текст на закон, но по скратена постапка може. Претпоставка ако е усогласен текстот од сите политички партии значи дека сите се согласни да обезбедат соодветно мнозинство кое е потребно, односно минимум 80 гласа ‘за’. Во контекст на процедурата тоа може да се спроведе за еден ден затоа што Деловникот дозволува свикување седници и во пократок рок од десет дена и тоа значи дека може да се свика седницата веднаш кога ќе се достави предлогот“,
рече Џафери.
Законот за одбрана не е толку итен
Џафери денеска немаше одговор дали до распуштањето на парламентот на 12 февруари ќе се донесе законот за одбрана, што ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува поради промена на името на Армијата на Македонија во Армија на Северна Македонија. Џафери истакна дека овој закон не е услов за нашето членство во Алијансата, иако, како што рече, има потреба од усогласување на процедурите откако Северна Македонија и официјално ќе стане 30. членка.
„Законот за одбрана не е предуслов за членство во НАТО. Ние сами си создаваме критериуми. Никој во НАТО не кажал досега дека предуслов за нашето членство е законот за одбрана. Услов беше да се реши спорот со соседите. Тоа го надминавме и, врз основа на тоа, при крај е процедурата за ратификација на Протоколот, онака како што е пропишано со правилата за оценување на НАТО“,
изјави Џафери
Тој вели дека е пожелно да се донесе законот за одбрана, затоа што од членувањето на НАТО, според принципите за одлучување во Организацијата, надлежностите би требало да се пренесат во Владата, заради брзината на одлучување. Тоа особено се однесува на одлуките во врска со мисиите на НАТО, за кои времето е еден од најбитните фактори за спроведување на една мисија.
„Од тој аспект, пожелно е да се донесе законот за одбрана. Но да не си поставуваме сами на себе предуслов кој не ни го одредува никој“,
рече претседателот на парламентот.