Непродуктивен ден во парламентот: Прво немаше доволно пратеници за усвојување на дневниот ред на новата седница, кој предвидуваше и комплетирање на Комисијата за избори и именувања, а потоа ниту за гласање на законите на продолженијата на две пленарни седници
Откако претходно во текот на денот пратениците не успеаја да го изгласаат дневниот ред за 66. седница бидејќи немаше кворум, слично сценарио попладнево имаше и на продолженијата на две други пленарни седници, 51. и 54.
Во рамки на 54. седница, без расправа, поминаa неколку закони, меѓу кои и законот за личната карта, како и законите за матичен број, за државјанство, за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните …
Поради тоа што немаше доволен број пратеници, овие законски решенија дополнително ќе бидат изгласани во оној момент кога ќе се создадат услови за тоа.
На дневен ред на 51. седница, пак, беа неколку автентични толкувања за кои исто така пратениците дополнително ќе се произнесат.
На оваа седница заврши расправата и за предлог-законот за заштита на физички лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење кривични дела или за извршување кривични санкции, во прво читање.
Претходно, на новата 66. седница, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата бидејќи не беше усвоен нивниот предлог од дневниот ред да се симне предлог-одлуката за изменување и дополнување на одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието. Седницата ја напуштија и двајцата пратеници на Левица бидејќи не беа усвоени некои од нивните барања.
За разлика од денешните случувања, кога повторно излегоа на поврѓина проблемите со кворумот, со кои овој собраниски состав се соочува од самиот почеток, минатата недела пратениците од власта и од опозицијата едногласно ја поминаа целата процедура за донесување на законите за ДДВ и за акцизите кои произлегоа од антикризните мерки што ги предложи Владата.