Вчера ЕВН соопшти дека постигнале договор со жителите, по што компанијата ќе започне со реализација на проектот за реконструкција на мрежата. Во Слупчане и во неколку места во Липково жителите не им дозволува на екипите на ЕВН да работат. Тие се противеа на обидот на компанијата да ги извади броилата од домовите и да ги постави надвор пред куќите, за да може да има контрола врз нив и да спречи злоупотреба на мрежата и крадење струја

Да не се генерализира бунтот во Слупчане против ЕВН, оти во селото има домаќини кои плаќаат струја, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Тој вели дека треба да се идентификува одговорност кај секој поединец што попречува работа на која било компанија која врши јавна услуга, како ЕВН.
„Вчера, бидејќи работниците од ЕВН бараа гаранција за да можат да влезат за одредени лица не ги спречуваат, локалната самоуправа која е составена од претставници на политички партии им ги даде тие гаранции, исто така и МВР, кое непречено ја врши својата работа на територијата на Липково, и веќе се работи на терен во општината, односно во Слупчане. Селото има голем број домаќини луѓе“,
рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање по поставување камен-темелник на новиот објект на Полициската станица од општа надлежност Аеродром.

Премиерот, кој патем е од Куманово, вели дека добро го знае селото, а од тамошните домаќини производите ги купуваат и во Скопје.
„Јас сега ќе ви кажам, кога ќе одите на Зелен пазар или на Бит-пазар или на пазарот во Куманово, вие нема да најдете производ произведен од Аеродром, Центар или произведен во мој Карпош. Производите што тука се продаваат доминантно доаѓаат од такви рурални општини и од селата што се наоѓаат во тие рурални општини. Така што домаќините си ја плаќаат својата струја и сакаат да си ја плаќаат, меѓутоа секогаш постојат поединци кои сакаат да злоупотребат повеќе луѓе во однос на остварување на свои цели. Е тоа МВР нема да го дозволи, Владата нема да го дозволи и локалната самоуправа вчера покажа дека нема да го дозволи“,
рече премиерот.
На истиот настан и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека полицијата постапува секаде каде што има потреба и дека нема една педа во државата каде полицајците не смеат да влезат. Тој посочи дека граѓаните во државава имаат права, но и обврски, како плаќање струја.
„Не смеат да се користат овие настани за кревање тензии. Полицијата постапува постојано во дослух и договор со ЕВН, јас сум убеден и веќе тоа синоќа ми го потврди еден од директорите на ЕВН дека започнуваат оваа недела со целосна реконструкција на таа мрежа. Така што клучната работа е да ги завршиме тие активности како во Арачиново и во Сарај и без притоа да предизвикаме конфликти“,
кажа Спасовски.

Вчера ЕВН соопшти дека постигнале договор со жителите на Слупчане, по што компанијата ќе започне со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во селото.
Во Слупчане и во неколку места во Липково жителите не им дозволуваа на екипите на ЕВН да работат на мрежата. Тие се противеа на обидот на компанијата да ги извади броилата од домовите и да ги постави надвор пред куќите, за да може да има контрола врз нив и да спречи крадење струја.