„Жалам што опозицијата после жестоките и рафални критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство, истото го прави сега и кон САД. Ќе ве потсетам, не така одамна, кога беа наметнати трговски тарифи од 35 отсто, истите тие опозициски перјаници, кои јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер САД, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелираше таа ставка на 15 отсто“, рече премиерот
Во наредните денови за македонските граѓани ќе има добри вести од нашиот стратешки партнери Соединетите Американски Држави (САД). Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета на Кратово, а одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за суспендирањето на иселеничките визи од САД за 75 држави, меѓу кои и Македонија.

Според него, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе дало свој коментар во насока дека одлуката е поврзана со имигранстски визи, а не за визи што се за потребите на студирање или за туристички посети.
„Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за македонските граѓани“,
рече тој по посетата на реконструираната спортска сала во Кратово.
Зборувајќи за критиките од опозицијата, рече дека истото што сега се прави кон САД, било случај и претходно со Обединетото Кралство.
„Жалам што опозицијата после жестоките и рафални критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство, истото го прави сега и кон САД. Ќе ве потсетам, не така одамна, кога беа наметнати трговски тарифи од 35 отсто, истите тие опозициски перјаници, што јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер САД, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелираше таа ставка на 15 отсто“,
рече тој.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера соопшти дека Скопје е во комуникација со Вашингтон по последната одлука на американскиот Стејт департмент да ја стави Македонија на листата на земји за кои го суспендира издавањето на имигрантски визи.
Уверува дека ќе се најде соодветно решение за визите.
Не се работи за никаков прекин, ниту „црна листа“, вели Муцунски, туку за паузирање на постапките за иселенички визи за кои, како што рече, има најмал број апликации кои пред сè доаѓаат од повозрасна категорија граѓани.
Одлуката на САД за иселеничките визи, како што посочи министерот за надворешни работи, не влијае на сите други постапки за издавање визи за Соединетите Држави, како на пример – студентските.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) веднаш излезе со реакција откако Стејт департментот соопшти дека го суспендира процесирањето имигрантски визи за државјаните на 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија, и ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со тоа ја довеле државата во периметар со Сомалија.
Членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција го обвини Мицкоски дека сè уште молчи и не дава одговор зошто САД нè ставија на листа на земји за кои го суспендира процесирањето имигрантски визи.
„Ако некој може да даде одговор, тоа е сигурно другарот од периметарот, нашиот премиер кој нè убедува две години колку блиски пријатели се“,
вели Жерновски.
