Виз Ер Скопски маратон 2021 се реализира под специјални протоколи одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство
Традиционално по 17. пат утрово во Скопје започна спортскиот настан Виз Ер Скопски маратон.
Стартот на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт беше 8 часот, а трката на 5 километри започна 10 минути подоцна, од платото пред Спортски центар „Борис Трајковски“, каде што ќе биде и целта на овогодишниот маратон.
Патеката по која учесниците ќе трчаат ќе биде иста, како и претходната година, а од дел од скопските улици во периодот од 7:30 до 14 часот имаат привремен режим на сообраќај и промена на режимот на работа на линиите на јавниот градски превоз.
Целосно затворени за сообраќај се следниве улици: „Димитрије Чуповски“, булевар „Илинденска“ од Влада до Зоолошка градина, „Војвода Васил Чакаларов“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „11 Октомври“, делот на булеварот „Крушевска Република“ од семафорите кај Тутунски Комбинат до семафорите кај Полициската Станица Пролет, булеварот „3 Македонска Бригада“ од семафорите кај Полициската Станица Пролет до раскрсницата со улицата „Фрањо Клуз“, десната коловозна лента од булеварот „Јане Сандански“ од Тобако во правец накај Аеродром се до раскрсницата со булевар „Србија“.
Делумно затворени за сообраќај, пак, се следниве улици и правци: десната коловозна лента од булевар „Климент Охридски“ до семафорите кај Влада, булевар „Илинденска“, од Зоолошка градина до „Љубљанска“, спротивната страна ќе биде слободна за движење „Љубљанска“ во правец од булевар „Илинденска“ до семафорите кај бул. „Партизански одреди“, „Московска“ во правец од булевар „Партизански Одреди“ до Студентскиот дом Гоце Делчев.
Започнувајќи од стартот „Борис Трајковски“ натпреварувачите трчаат кон „Илинденска“, па лево на „Љубљанска“, потоа право на „Московска“, па десно по „Војвода Васил Чакаларов“, на крајот од улицата се врти полукружно назад, кога ќе се вратат кај Студентскиот Дом „Гоце Делчев“ се продолжува право по „М.Теодосиј Гологанов“, „Димитрие Чуповски“, „11 Октомври“, „Крушевска Република“, „3 Македонска Бригада“, „Фрањо Клуз“, бул. „Јане Сандански“ до крајот (раскрсница со булевар „Србија“), пред семафорот со булевар „Србија“ се врти полукружно назад (на истата коловозна лента) по бул. „Јане Сандански“, „Фрањо Клуз“, „Трета Македонска бригада“, „Крушевска Република“, „11 Октомври“ по „Димитрие Чуповски“ до раскрсницата десно на булевар „Климент Охридски“ до булевар „Илинденска“, лево кај Владата до целта, платото пред СЦ Борис Трајковски. Истата патека се трча два круга за маратонците.
Виз Ер Скопски маратон 2021 се реализира под специјални протоколи одобрени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Виз Ер Скопски маратон е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски клуб „Работнички“ од Скопје, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.
