Во земјава моментно престојуваат 568 граѓани на Авганистан, а 85 веќе заминаа во трети држави
Уште 14 лица од Авганистан, вработени во Обединетите нации и членови на нивните семејства, попладнево пристигнаа на меѓународниот аеродром „Скопје“.
Како што информираат од Владата, станува збор за продемократско население кое е во опасност од талибанските власти, а за кои Северна Македонија обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Со ова земјава ја продолжува активната улога во меѓународната операција за помош на граѓаните на Авганистан, велат од Владата.
По слетувањето, е спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и ПЦР – тест.
Овие цивили ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од Обединетите нации.
Во земјава во моментов престојуваат 568 граѓани на Авганистан. Од Северна Македонија досега заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.