На настанот одржан во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, меѓу присутните беа заменик-министерот Зоран Димитровски, шведскиот амбасадор во земјава Ола Солстром, како и претседателката на Комората, Марија Николовска
Попладнево, во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во преполна сала беше промовирана Шведско-македонската стопанска комора. Денешната инаугурација следува откако Комората беше успешно отворена во Стокхолм, Шведска, на 24 октомври годинава.

Директорката на Шведско-македонската комора, Марија Николовска, во своето обраќање пред присутните рече оти ова е уште еден чекор кон зацврстување на економските и бизнис-релации помеѓу Шведска и Северна Македонија и дека Комората ќе има за цел да промовира трговија, инвестирање и одржлив раст помеѓу двете земји. Дополнително, рече оти во фокусот ќе биде и поддршката на компаниите, организирање економски форуми, како и поддршка на иновативни бизнис-практики.
„Нашата мисија е едноставна, да бидеме поврзувачки мост помеѓу компаниите, луѓето и идеите. Ние сме почестени што имаме силна дипломатска поддршка од двете страни, а дипломатијата и бизнисот се посилни кога работат рака под рака. Ќе работиме на градење комитети, поддржувајќи ги мисиите, споделувајќи знаење и создавајќи еднакви можности за сите компании“,
рече Николовска.

Македонскиот заменик-министер за надворешни работи Зоран Димитровски, пак, рече оти со отворањето на Шведско-македонската комора, се додава нова, динамична платформа која ќе создаде нови можности за бизнисите, воедно велејќи дека тоа претставува наш заеднички пат за подобрување на дијалогот и можностите за уште поблиска соработка со Шведска.
„Шведска има значајна улога во зацрвстување на нашите капацитети, преку економски инвестиции кои придонесуваат за нашиот раст. Ние сме горди на соработката, а комората претставува витална конекција за дијалог, но и за зголемување на инвестиции како и можност за нашите фирми да го истражат шведскиот и европскиот пазар и обратно, шведските компании да ја истражат Македонија“,
кажа Димитровски.
Шведскиот амбасадор во земјава Ола Солстром, пак, рече оти македонско-шведското партнерство е во одлична кондиција, изградено на доверба, заеднички интерес и доверба. Дополни оти Шведска е силен поддржувач на земјава во секој аспект и рече оти неговите очекувања се, следната година соработката да продолжи со трендот на растење.
„Ние работиме добро, шведски компании се присутни на пазарот тука и добро функционираат, притоа влијаејќи на растот на економијата и општеството. Дали би сакал таа листа на компании да се зголеми? Апсолутно, и колку што сум запознаен, тоа е започнато. Во 2026 г. ќе се обидеме тоа да го однесеме на поголемо ниво“,
изјави тој.

Извршниот директор на Комората, Самуел Наумовски Викиус, кажа оти комората брои голем број членови од двете земји и оти нивната цел е да понудат поголемо знаење, експертиза и можности за поврзување, притоа најавувајќи дека следната година ќе бидат организатори на низа настани за промоција на комората во земјава.
По свечените обраќања, следуваше панел-дискусија насловена „Градење посилен шведско-македонски бизнис мост“ на која се разговараше за можностите кои ги нудат двете земји, за позитивните искуства на бизнисите кои веќе работат на македонска и шведска почва, како и за можноста за унапредување на соработката помеѓу компаниите.
