Одбележувањето на плоштадот „Македонија“ во Скопје го организираа Амбасадата на Украина и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“, а присуствуваа и амбасадорите на Германија, Соединетите Американски Држави, Холандија и Шведска во земјава
Истовремено со 50 држави во светот денеска и кај нас се одржа симболично одбележување на Денот на независноста на Украина – 24 Август.
Одбележувањето на плоштадот „Македонија“ во Скопје го организираа Амбасадата на Украина и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“.
На одбележувањето поддршка за Украина дадоа и амбасадорите на Германија, Соединетите Американски Држави, Холандија и Шведска во земјава.

„Да се потсетиме на патот по кој ние Украинците тргнавме и колку успеавме да промениме. Украинците докажаа дека се непобедливи. Им благодариме на сите кои ја покажаа својата сила во ова време, сите кои се бореа и се борат за Украина и им помогнаа на нашите војници. Благодарност и до сите наши пријатели ширум светот за помош и поддршка за Украина“,
рече Руман Буга, прв секретар во украинската амбасада во Северна Македонија истакнувајќи дека војната во Украина промени сè, како и за државата, така и за Европа и светот.
Олександар Урбанович од Здружението „Лесја Украинка“ ѝ се заблагодари на Северна Македонија за помошта опишувајќи ја како „мала земја со лавовско срце“.
„Дадовте дури и повеќе од што можевте и никогаш нема да заборавиме. 24 Август за Украинците е најзначаен празник бидејќи независноста е токму тоа за што се бори денес Украина“,
рече тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното обраќањето по повод Денот на независноста вети дека неговата земја ќе се бори против руската инвазија „до крај“ и нема да прави „никаква отстапка или компромиси“.
Инвазијата на Русија врз Украина почна пред шест месеци.
Украина прогласи независност од СССР на 24 август 1991 година, а нејзината независност е финализирана на 25 декември истата година. Службен јазик во државата е украинскиот, а доминантна религија е православието.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со својот колега, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба по повод одбележување на Денот на независноста на Украина.
