Цената за изминат километар со електричните автомобили кои ќе бидат достапни за изнајмување ќе изнесува 22 денари, што, според владините претставници, е поевтино од такси превозот и е 20 отсто поекономично од користењето сопствен автомобил
Возилата ќе се изнајмуваат преку апликацијата Avant2Go Car-Sharing која е достапна на App Store и Google Store
Во Скопје од денеска ќе може да се изнајмуваат електрични автомобили, слично на принципот на изнајмување на електрични тротинети.

Новата услуга, која отсега им е достапна на скопјани, денеска пред зградата на Владата ја презентираа првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Порачаа дека концептот на споделување на возила „Car sharing“ e значаен чекор кон одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето на земјата.
Во главниот град засега на располагање се ставени 100 електрични автомобили, но проценката е дека за сериозен ефект од еколошки и економски аспект, на Скопје ќе му бидат потребни 1 000 електрични возила кои би се набавиле за две до три години. Електрични автомобили ќе се обезбедат и за други градови во државата.

Цената за изминат километар со електричните автомобили кои ќе бидат достапни за изнајмување ќе изнесува 22 денари, што, според владините претставници, е поевтино од такси превозот и е 20 отсто поекономично од користењето сопствен автомобил.
„Користењето на електрични возила значи нулта емисија на штетни гасови, што директно го намалува загадувањето на воздухот, особено во урбаните средини. Дополнително, електричните возила се многу потивки од класичните, овозможувајќи подобра животна средина во градските јадра. Според светските стандарди, едно car-sharing возило може да замени 10 до 15 приватни автомобили. Услугата носи економски бенефити за граѓаните, бидејќи ги намалува потребите за купување на второ или трето возило во домаќинствата“,
рече вицепремиерот Меџити кој до Владата денеска пристигна со едно од електичните возила.
Возилата ќе се изнајмуваат преку апликацијата Avant2Go Car-Sharing која е достапна на App Store и Google Store.
Проектот, кој Владата го започна во декември минатата година, е услогласен со Зелената агенда за Западен Балкан.