Во акциски контроли во угостителски објекти на 272 локации низ земјава доцна синоќа, полицијата приведе лица за поседување дрога и оружје, а при контролите се констатирани и други прекршоци, се вели од МВР. Во контролите биле опфатени и 18 казина на подрачјето на Скопје и Куманово
„За време на контролата, на територија на СВР Скопје, поточно на подрачјето на Чаир, е констатиран еден прекршок по чл.80 од Законот за оружје, при што кај Б.И.(31) од Косово е пронајден и одземен нож, а на подрачјето на Кисела Вода прекршок по Законот за странци, при што е приведен О.О.(32) од Република Турција поради непријавен престој во државата”,
велат од МВР.
Од координираната акциската контрола на подрачјето на СВР Велес од страна на МВР, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, во угостителски објект е лишен од слобода малолетник, а поради немање на лиценца за оружје и договор за работа приведено е и лице од обезбедувањето на објектот.
Од страна на Управата за јавни приходи констатирано е дека објектот работи спротивно на Законот за регистрирање на готовина, а од страна на Државниот инспекторат за труд ќе бидат направени дополнителни проверки за утврдување на статусот на лица затекнати при извршување работа во објектот“, се наведува во извештајот на МВР.
