Швајцарија, Белгија и Австрија донесуваат нови ковид-19 правила за патници кои влегуваат во нивните земји
За Швајцарија повеќе не е во сила забраната за влез на државјани од трети земји, вклучително и од Република Северна Македонија, заради туристички или каков било друг вид престој, но само со потврда/сертификат за примени 2 дози од вакцина.
Условот за поседување негативен тест (PCR или Antigen), повеќе не се прифаќа како основа за влез за оваа категорија лица.
Доколку лицето ги исполнува услови за влез во Швајцарската Конфедерација, потребно е до 12 часа пред влезот во земјата да го пополни формуларот што се наоѓа на веб-страницата на Федералната канцеларија за јавно здравје на Швајцарија, или поточно на следниот линк.
Повеќе информации за видот на вакцината и условите за влез, може да се пронајде на следниот линк.
Белгиската влада, пак, воведува карантин за невакцинираните патници кои во Белгија ќе влегуваат од т.н. црвени зони, меѓу кои е и Северна Македонија.
Поради зголемениот број нови ковид-19 пациенти во болниците во регионот на главниот град и пошироко во Белгија, веќе од утре (петок, 17 септември) ќе се воведат построги правила на карантин за патниците што пристигнуваат од „црвената зона“. Оние што не се целосно вакцинирани (две дози во соодветен временски интервал) или немаат сертификат за прележана болест, по пристигнувањето во Белгија од црвената зона, мора да поминат 10-дневен период на карантин. Карантинот може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен.
За влез во Австрија, мора да се обезбеди еден од следните докази: доказ за вакцинација или доказ за прележан ковид-19, што претставува единствен начин да се избегне карантин (самоизолација) 10 дена, кој може да биде прекинат по 5 дена со нов негативен резултат на ПЦР-тест.
Малолетниците до дванаесет години, исто така, мора да се изолираат и да се регистрираат при пристигнувањето, освен ако возрасниот што патува со нив не е ослободен од самоизолација; децата над 12 години мора да поседуваат доказ за вакцинација или доказ за прележан ковид-19. За примена вакцина со единечна доза, мора да покажете дека сте ја примиле вакцината пред повеќе од 21 ден, но не повеќе од 360 дена пред пристигнувањето.
Повеќе информации за рестриктивните мерки за сите држави можете да најдете на веб-страницата на МНР на следниот линк.