Поради ситуацијата со ковид-19, гласањето трае три дена
Во Штип денеска почнува гласањето на предвремените избори за градоначалник откако претходниот беше избран на функција во извршната власт. Новиот градоначалник ќе има мандат од околу девет месеца, односно до следните редовни локални избори во 2021 година. Штипјани своето право на глас можат да го дадат за еден од петтемина кандидати за градоначалник. Нов градоначалник на предвремени избори, на кои се гласа од денеска до недела, треба да добие и Општина Пласница, каде што има двајца кандидати.
Поради ситуацијата со ковид-19, гласањето трае три дена. Денеска гласаат лицата што се позитивни на ковид и оние што имаат решение за изолација. Во Штип правото на глас денеска треба да го остварат 12 болни и изолирани.
Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК) Штип, Сенка Андреева, вели дека ангажирани се два медицински избирачки одбори, кои со скафандери и заштитна опрема ќе ги посетат граѓаните кои се позитивни на коронавирусот и кои сакаат да го остварат правото на глас.
Утре, пак, ќе гласаат болните, немоќните и осудените лица. На Избирачкиот список се вкупно 66 болни и немоќни штипјани, како и 67 лица кои се наоѓаат во затворите, а се од Општина Штип
В недела, пак, ќе биде главниот изборен ден. Според Државната изборна комисија (ДИК), во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип запишани се 39 605 гласачи. Во Посебниот избирачки список, кој се однесува на лица што се на привремен престој или работа во странство, се запишани 2 103 лица, а во Посебниот избирачки список за лица што се во затвор или во притвор запишани се 67 граѓани, а згрижени во домови за вонсемејна заштита има двајца гласачи.
Вкупниот број на гласачи е 41 777.
ДИК поради здравствените протоколи премести и пет избирачки места на други локации, со што гласачите и членовите на избирачките одбори ќе бидат заштитени од ризик од зараза. Обезбедени се заштитна опрема и средства за дезинфекција.
Доколку има втор круг, ќе се гласа на 27 декември.