Вкупно 12 лица кои се позитивни на ковид-19 или се во самоизолација денеска го искористија правото на глас за предвремените локални избори во Штип. Како што информира Државната изборна комисија во Општина Пласница, каде што исто така се избира градоначалник на предвремени избори, денеска немаше пријавени лица за гласање.
Претседателката на Општинската изборна комисија-Штип, Сенка Андреева, вели дека двата медицински избирачки одбори до 14 часот биле на терен и на 12-те пријавени лица им овозможија да го остварат своето право на глас. Гласањето поминало без проблеми.
Ванчо Берков, претседател на медицинскиот избирачки одбор, вели дека посетиле осуммина граѓани, а при гласањето се почитувале сите здравствени протоколи, членовите на одборот ги посетил со заштитна опрема, скафандери, визири, маски и се што е потребно за нивна заштита.
Протоколите за гласање се исти како и на предвремените парламентарнине избори што се одржаа во јули. Малиот интерес за денешното гласање е затоа што поголем број од заразените, деновиве излегле од изолација, бидејќи во рок од пет дена оздравени се над 160 граѓани.
Во Штип вкупниот број на гласачи е 41 777, а за да бидат успешни изборите на 13 декември треба да гласаат една третина од запишаните избирачи или своето право на глас да го остварат 13 996 граѓани.
Утре е гласањето на 133 болните и немоќни, како и на осудениците и на лицата кои се во геријатриски домови. На 13 декември во 7 часот ќе се отворат 77 избирачки места, а гласањето ќе заврши во 19 часот.
Новите градоначалници на Штип и Пласиница се избираат бидејќи претходните беа избрани за други функции во извршната и законодавната власт. Тие ќе имаат мандат од околу девет месеца, односно до следните редовни локални избори во 2021 година. Штипјани своето право на глас можат да го дадат за еден од петтемина кандидати за градоначалник, додека во Пласница има двајца кандидати.
Поради ситуацијата со ковид-19, гласањето трае три дена.