Според податоците од Државниот завод за статистика, во септември годинава трошоците на животот се зголемени за 18,7
Трошоците на животот во септември годинава, во однос на истиот месец лани, се зголемени за 18,7, а индексот на цените на мало за 14,7 проценти. Во однос на август годинава, пак, трошоците на животот пораснале за 1,6, а цените на мало забележале пад од 0,1 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Минатиот месец, во однос на август, најголем пораст е забележан кај сирењето и урдата и тоа за 9,9 отсто. Пораст од 6,3 отсто е забележан и кај свежото и разладеното овошје, а кај млекото за 5,7 отсто. Според податоците од Државниот завод за статистика, пораст е забележан и кај рибара и морските плодови за 3,5 отсто, пивото за 2,9, лебот и житата за 2,6, месото за 2,2 и виното за 1,6 отсто. Кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови има пораст за 3,1 отсто. Од ДЗС информираат дека под еден осто има покачување кај прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,7, жестоките пијалаци за 0,6 и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2 отсто.
Во септември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај цврстите горива за домаќинствата за 15,2 отсто, кај течните горива за домаќинствата за 3,7 отсто, производите за домаќинствата – нетрајни за 2,8 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 2,7 отсто. Изминатиот месец, пораст е забележан и кај медицинските услуги за 3,3 отсто и кај стоматолошките услуги, парамедицинските услуги за 1,9 отсто.
Во извештајот на Државниот завод за статистика е наведено дека, минатиот месец, пораст е забележан и кај рестораните и кафулињата, големите електрични апарати за домаќинствата, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето, патниот патнички транспорт.
Намалување на трошоците на животот во септември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто и минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6 отсто.
Во септември, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот има и кај воздухопловниот патнички транспорт за 34 отсто, туристичките аранжмани за 13,2, гасот за домаќинствата за 4,4, услугите за сместување за 3,8, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 2,9, електричните апарати за лична хигиена за 1,1, игрите, играчките и хобијата за 0,3 и моторните возила за 0,2 отсто.