За потсетување, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал на 18 јули покрена обвинение за тогаш актуелната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, за две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат
Рочиштето од судскиот процес за случајот „Адитив“, кое беше закажано за утре, е одложено за 2 септември. Причината за тоа е, како што соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје, што судијата треба да одлучи дали на експретседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, и на уште двајца новообвинети ќе им се суди во истата постапка со останатите 36 обвинети во случајот или, пак, судењето за нив ќе се одвива одделно.

Имено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) побара спојување на предметите, но бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, смета дека постапката треба да биде одвоена.
Според него, како што објави ТВ Телма, обвинението против неговата клиентка не е поврзано со предметот „Адитив“ кој е веќе во судска постапка, како и дека спојувањето кон предмет со 36 обвинети ќе влијае негативно на економичноста на постапката.
Инаку, од скопскиот Кривичен суд денеска соопштија дека надлежниот Совет ги отфрлил приговорите и го одоборил обвинителениот акт што беше поднесен против едно лице како продолжение на истрагата за „Адитив“.
Оттаму потсетија дека за експретседателката на Антикорупциска и за уште двајца обвинети со неа не е потребно произнесување на Советот за оценка на обвинителен акт, затоа што тие се гонат со обвинителен предлог.
„Заради економичност и ефикасност на постапката, а како и не би се направиле непотребни трошоци за спровод на дел од обвинетите, потребно е време советот да се запознае со списите од предметот, како и произнесувањето на одбраната во однос на истото, и да одлучи по предлогот за спојување судењето ќе продолжи на следниот, веќе утврден термин за расправа на 2 септември во судницата во КПУ ‘Идризово’“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје.

За потсетување, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал на 18 јули покрена обвинение за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, за две кривични дела.
Првото, за кое јавноста од претходно беше запознаена, е за оддавање службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стајановиќ, кој е меѓу обвинетите во предметот „Адитив“. Другото кривично дело за кое се товари Димитровска е за компјутерски фалсификат. Имено, според ОЈО ГОКК, вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име.
Неколку дена откако Обвинителството го поднесе обвинението, Димитровска ја депонира својата оставка од член на Државната комисија за спречување корупција до Собранието.