Според најавата објавена на инстаграм-профилот „Неготино за Фросина“, протестниот марш ќе започне во 14 часот на улицата „Маршал Тито“ во Неготино. Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“ на протестот ќе се бара правда за прерано згаснатиот живот на Фросина, но и за сите жртви во сообраќајот
За в сабота, 8 февруари, се најавува нов протест во врска со смртта на Фросина Кулакова. Протестот ќе се одржи во Неготино, родниот град на 20-годишната девојка.
Според најавата објавена на инстаграм-профилот „Неготино за Фросина“, протестниот марш ќе започне во 14 часот на улицата „Маршал Тито“ во Неготино. Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“ на протестот ќе се бара правда за прерано згаснатиот живот на Фросина, но и за сите жртви во сообраќајот.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што секојдневно се случуваат на нашите улици! Овој протест е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство и за сите чии животи се изгубени поради несовесни возачи и неефикасни институции. Секој од нас е изложен на опасности во сообраќајот. Никој не е заштитен од трагедија. Не смееме да дозволиме оваа серија загуби да продолжи! Фросина заслужува правда! Викторија заслужува правда! Сите жртви на сообраќајното насилство заслужуваат правда!“,
стои во најавата за протестот објавена на социјалните мрежи.
Организаторите на протестот бараат безбедни улици за сите, строга контрола за возење под дејство на алкохол и наркотици, најстроги казни за оние што возат без дозвола или намерно ги загрозуваат животите на другите, но и одговорност од институциите и крај на заташкувањето на сообраќајните злосторства и правна правда за жртвите.
На инстаграм-профилот на кој е објавена најавата за протестот се најавува и дека другарките на Фросина организираат бесплатен автобуски превоз од Скопје до Неготино и назад за сите што ќе одлучат да присуствуваат.