„Овие денешни руски ракети и беспилотни летала се јасен одговор за сите во светот кои со недели и месеци повикуваа на прекин на огнот и на вистинска дипломатија“, напиша Зеленски на Фејсбук

Најмалку осум лица се убиени во руски ракетен напад врз главниот град на Украина, Киев, во текот на ноќта, а меѓу убиените е и едно дете, информира украинскиот претседател Володимир Зеленски на Фејсбук.
Тој напиша дека е нападната обична станбена зграда.
„Овие денешни руски ракети и беспилотни летала се јасен одговор за сите во светот кои со недели и месеци повикуваа на прекин на огнот и на вистинска дипломатија. Русија избира балистички ракети, а не преговарачка маса. Избира да продолжи со убивањето, а не да ја заврши војната. Тоа значи дека Русија сè уште не се плаши од последиците. Русија сè уште го искористува тоа што барем дел од светот ги затвора очите пред убиените деца и наоѓа изговори за Путин“,
напиша Зеленски на Фејсбук.
Украинскиот претседател напиша и дека, покрај загинатите, во нападот има и десетици ранети. Зеленски порача дека ја очекува реакцијата на светот, а посебно ги прозва Кина и Унгарија.
„Чекаме реакција од Кина на она што се случува. Кина постојано повикува војната да не се проширува и на прекин на огнот. Тоа не е поради Русија. Чекаме реакција од Унгарија. Смртта на децата дефинитивно треба да предизвика повеќе емоции од сè друго. Чекаме реакција од секој во светот кој повикуваше на мир, а сега почесто молчи отколку што зазема принципиелни ставови“,
вели Зеленски.
